Израел негира дека испратил дополнителни агенти во Лондон

Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак.

Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак денеска ги негираше написите во „Сандеј тајмс“ дека Израел испратил дополнителни безбедносни агенти во Лондон стравувајќи од напади врз израелски цели за време на претстојните Олимписки игри. Според британскиот весник, Израел верува дека нападот на израелските туристи во Бугарија би можело да биде увертира за поголем напад во Лондон и испратил разузнавачи на различни локации во Европа. Израелскиот министер изјави дека и разунавачката и оперативната служба се на готовност пред почетокот на Олимписките игри, но дека тоа нема врска со инцидентот во Бугарија. Оваа година се одбележува 40-годишнината од нападот од страна на палестински терористи врз израелски спортисти на ОИ 1972 во Минхен. Во нападот загинаа 11 Израелци.