Груевски - ЕУ потврди дека имаме реформи

Премиерот Никола Груевски ја поздрави изјавата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за Радио Слободна Европа во која тој вели дека повторно во Македонија гледа посветеност кон евроинтеграцискиот процес. Груевски смета дека изјавата на Филе ја отсликува реалноста зашто Владата вложува напори за реформи и за придвижување на земјата кон ЕУ.

Тоа, според шефот на Владата, се должи на фактот што претставниците на ЕУ поради високиот пристапен дијалог почесто доаѓаат во земјава и можат директно да ги согледаат процесите што ги води Владата, а не да се потпираат на туѓи мислења или написи во медиуми.

- „И самиот Филе доаѓа почесто во Македонија, така што има можност одблиску да ги види работите и што работи оваа Влада. Мислам дека тоа придонесува да даваат такви изјави, гледајќи дека Владата прави максимум и прави реформи“, рече Груевски по посетата на пелагонискиот регион.

„Впечатокот е тој што го кажа Филе - дека Република Македонија прави реформи, дека има забрзан напредок, дека заслужува да оди напред. Јас би додал дека Македонија одамна има направено многу повеќе на својот пат за евроинтеграции, отколку што има добиено за возврат. Одамна требаше да добиеме датум и да ги почнеме преговорите. Ако не ни се случеше блокадата од Грција, ние веќе ќе бевме во втората половина или при крајот на преговорите со ЕУ“, истакна Груевски.

Сакаме, како што рече, тој спор што побрзо да се реши и Грција да најде начин да не деблокира во евроатлантските интеграции, а ако не е во можност во овој период да го реши спорот поради нивната домашна ситуација, како што додаде, за мене е разбирливо.