Осуди од НАТО и ЕУ за терористичкиот напад во Бугарија

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малмстром денеска остро го осудија вчерашниот терористички напад на аеродромот во Бургас, при кој загинаа 7 луѓе, а 30-тина се повредени.

„Остро го осудувам овој срамен терористички напад во Бургас, кој одзеде животи на неколку луѓе. Го изразувам моето најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на жртвите во овој шокантен чин. Тероризмот во сите негови форми и манифестации, никогаш не може да се толерира или оправда“, изјави Расмусен.

Претседателот на Европарламентот, терористичкиот чин го нарече „кукавички напад врз невини туристи“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.

Според еврокомесарот Малмстром, по ужасниот терористички напад против израелските граѓани во Бугарија Европската комисија веднаш им ги понудила своите услуги на Европол како помош во истрагата.