ВАЦ го продаде својот удел во српска „Политика“

Српскиот весник „Политика“ има нов сопственик, 50 отсто од уделот во таа компанија која беше во рацета на германската групација ВАЦ сега е во сопственост на „Ист медиа груп“ регистрирана во Москва.
Веста ја обелодени Српската напредна партија, оценувајќи дека е скандалозно што продажбата на 50 отсто од сопствеништвото е објавено „преку ноќ“ и нетранспарентно.
СНС ја обвинува Демократската партија дека стои зад одлуката за продажба на ВАЦ и оти со тоа ја нарушува медиумската слобода.
Новиот сопственик на 50 отсто од акциите во „Политика“ не и е познат на српската јавност, а на руските бизнис сајтови е наведено дека „Ист медиа груп“ е основана на 29 јануари оваа година во Москва и оти сопственик е Урош Стефановиќ.

Сопственик на преостанатите 50 отсто од сопствеништвото на белградскиот весник остана „Политика - Акционерско друштво за новинско-издавачка и графичка дејност“.
Германскиот ВАЦ во почетокот на април и понуди на државата да ги откупи нејзините 50 отсто од сопственоста во „Политика“ за 4,7 милиони евра и преземање на „одредени обврски“, не прецизирајќи кои.
ВАЦ уште пред две години најави повлекување од Југоисточна Европа, а веќе ги продаде своите компании во Македонија и во Бугарија.