Бесими на Меѓународна работилница за глобална безбедност

Фатмир Бесими.

Лекциите од историјата не учат дека периодите на економската криза се можност за појава на нови идеи кои ќе ни овозможат порационално, поефикасно и поефективно искористување на ресурсите кои ќе предизвикаат значајни резултати во развојот на одбранбените способности, истакна министерот за одбрана Фатмир Бесими на 29. Меѓународна работилница за глобална безбедност која се одржа денеска во Рим.

Воедно, обраќајќи се на панелот посветен на глобалната финансиска криза, илегалната имиграција и сајбер-безбеноста – лекции од Балканот и регионот на Црното Море, министерот Бесими посочи дека размислувањата на земјите од регионот одат во насока на тоа како може новиот концепт на НАТО, наречен „паметна одбрана“ да се аплицира и на регионално ниво.

Во тој контекст, министерот ги спомена иницијативите за развој на регионални центри, како АП „Криволак“, Регионалниот тренинг-центар за комуникации и Центарот за медицинска обука, а се осврна и на Балканската регионална иницијатива за противоздушна одбрана, како прв чекор кон развојот на регионални капацитети за патролирање на воздушниот простор.

Регионалната соработка, како што истакна министерот Бесими на панелот, се огледува и во заедничкото учество во меѓународните мировни мисии, особено во силите ИСАФ во Авганистан.