Боливуд во Македонија?

Индијците предводени од сопругата на мултимилијардерот Субрата Рој, првиот човек на „Сахара Груп“, кои вчера пристигнаа во Скопје, денеска го комплетираат тимот со втор авион, со што ќе бидат вкупно 45 луѓе и во текот на денот ќе отпатуваат за Охрид.
Покрај сопругата на Субрата Рој, која е и потпретседател на компанијата, дојде и неговиот син, а во делегацијата е и познат филмски продуцент од Индија, дел од филмската групација, чија задача е да разгледа делови каде во иднина евентуално би можело да се снима некој од филмовите што ги прави нивната компанија.

Директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони Виктор Мизо е задолжен да ја придружува делегацијата додека се во посета на Република Македонија. Со делегацијата е и промоторот на Македонија во Индија Тони Атанасовски, но и неколку луѓе од Агенцијата за странски инвестиции, слободните зони, како и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Јордан Трајков.
Делегацијата во Македонија ќе престојува до понеделник, а викендов ќе им се приклучат и неколку министри. Се очекува да се сретнат и со градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Во текот на вчерашниот ден, покрај средбата со премиерот, делегацијата имаше кратка прошетка низ Скопје каде забележале дека многу луѓе со кои се сретнале низ градот им зборувале за нивната посета, за Индија, за познатите индиски серии...