Претседателот Иванов на Форумот Кран Монтана во Баку

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска до сабота ќе учествува на 23-тата годишна сесија на Форумот Кран Монтана, кој годинава се одржува во Баку, Азербејџан. Во фокусот на сесијата ќе бидат перспективите на јавното и приватното управување со енергетските потенцијали, како и креирањето нови и одржливи енергетски политики во однос на производството, дистрибуцијата и безбедноста на енергијата. Претседателот Иванов ќе се обрати на официјалното отворање на Форумот, на кое централна тема ќе биде „Како да се обезбеди подобар свет во услови на глобализација? – Два клучни предизвика: Борба против сиромаштијата и подобрување на управувањето со јавните политики“.
На годинешната сесија на Форумот во Азербејџан, ќе учествуваат голем број актуелни и поранешни шефови на држави, министри, високи претставници на меѓународни организации и мултинационални корпорации.
На маргините на Форумот, претседателот Иванов ќе има неколку билатерални средби, се вели во соопштението од неговиот кабинет.