Резултатите од претседателските избори во Египет најавени за утре

Илјадници поддржувачи на Муслиманското братство, во очекување на резултатите, во петокот се собраа на плоштадот Тахрир во Каиро.

Египетската изборна комисија најави дека утре ќе ги соопшти официјалните резултатите од минатонеделниот втор круг на претседателските избори. Двајцата кандидати, Мухамед Морси од Муслиманското братство и Ахмед Шафик, последниот премиер за време на претседателствувањето на Хосни Мубарак, тврдат дека победиле на изборите. Резултатите требаше да бидат објавени во четвртокот, но беа одложени поради бројните жалби од двајцата кандидати.

Илјадници Египќани, во очекување на резултатите, се собраа на плоштадот Тахрир во Каиро. Тие протестираат против воената власт која минатата недела си ги прошири овластувањата, откако го распушти парламентот во кој исламистите имаа мнозинство.