Албанија ќе враќа стар долг кон Хрватска

Парламентарната комисија за економија вчера едногласно ја усвои одуката на албанската Влада на Хрватска да и се врати наследениот долг од комунистичкиот период во износ од 5,4 милиони американски долари, јави дописникот на МИА од Тирана. Долгот, според договорот потпишан од албанската и хрватската влада, ќе биде подмирен во наредните две години во идентични месечни рати. Исплата ќе почне веднаш откако албанскиот Парламент ќе го ратификува договорот.

Последна на списокот на земји од поранешна Југославија, кон кои албанската влада должи е Македонија на која треба да и плати долг од 800 илјади долари. Според албанските медиуми, владите на двете земји наскоро ќе потпишат договор за начинот на исплата.

Со постигнувањето договор со Македонија, целосно ќе биде завршен процесот за исплата на долгот наследен од комунистичкиот период, што Албанија го имала кон поранешните југословенски републики, во износ од 23 милиони американски долари.