Клинтон - Очекуваме Египет да ја спроведе демократската транзиција

Архивска фотографија: Протести на плоштадот Тахрир во Каиро.

Соединетите Држави очекуваат преодната воена власт во Египет да ја спроведе демократска транзиција, изјави американската државна секретарка Хилари Клинтон. Таа изјави дека нема враќање назад и откажување од демократската транзиција за која гласаше народот.

Коментарите на Клинтон уследија откако Врховниот суд на Египет пресуди да се распушти новоизбраниот парламент во земјата, предводен од исламистите. Судот, исто така пресуди дека Ахмед Шафик, поранешниот премиер за време на претседателот Хосни Мубарак, може да учествува на претседателските избори закажани за овој викенд.

Исламистички политичари ја осудија одлуката и ја оценија како „државен удар“ од страна на армијата во која се уште има функционери од времето на Мубарак. Неколку стотици луѓе протестира на плоштадот Тахрир во Каиро по одлуката на судот да му се дозволи Шафик да учествува на изборите.