Власта и опозицијата се расправаат за пензионерите

СДСМ денеска презентира четири мерки чија цел, според партискиот потпретседател Зоран Јовановски, е заштита на стандардот на денешните и на идните пензионери. Со мерките се предлага висината на пензиите да се усогласува на секои 3 месеци, а не на 6 месеци како што тоа сега се прави, како и да се воведе пензионерска потрошувачка кошничка. „Усогласувањето на пензиите би се правело според движењето на цените на производите и услугите во „пензионерската потрошувачка кошничка“, а не според цените на сите производи и услуги, како што е сега случај. „Вака ќе има многу пореална основа за усогласување на висината на пензиите и подобро ќе се сочува животниот стандард на пензионерите“ рече Јовановски. Партијата која што ги намали пензиите за осум проценти на пензионерите е СДСМ, реагираат од владеачката ВМРО – ДПМНЕ. Директорот на партискиот центар за комуникации Илија Димовски вели дека опозициската партија долго време одбивала да им ги врати украдените осум проценти на пензионерите. „Дополнително стоиме зад ветувањето дека до крајот на оваа година повторно ќе обезбедиме средства за повторно зголемување на пензиите во Република Македонија, нешто што СДСМ никогаш не успеа да го направи“ рече Димовски.