Месиќ: Да му се даде време на Николиќ

Стипе Месиќ

Поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ смета дека на претседателот на Србија Томислав Николиќ треба да му се даде одредено време „да се уигра и да се ослободи од хипотеките на минатото“. Во авторскиот текст за денешен новосадски „Дневник“ Месиќ оценува дека Николиќ веќе направил неколку политички пресврти во својата кариера, поради што не е исклучено таков маневар да направи и сега. Месиќ смета дека на Николиќ треба отворено да му се каже што кај него не може да се толерира и да му се остави „преоден рок“. „Во тој период ќе утврдиме дали имаме работа со Николиќ, четничкиот војвода, или со редизајниран Николиќ свесен за реалноста во која живее, и уште повеќе, за потребите на земјата на чие чело застана. Што се однесува на неговите желби и соништа, најдобро е да ги остави зад себе. Се живее и се работи во реалноста“, порачува Месиќ.