ОН и САД : Сирија е на прагот на граѓанска војна

Меѓународната заедница ги прогласи убиствата во Хула за масакар и за инцидентот ги обвини сиријските безбедносни сили

Обединетите нации и Соединетите американски држави предупредија дека Сирија е на прагот на граѓанска војна по минатонеделниот масакар во градот Хула, каде стотина беа убиени, повеќето од кои жени и деца. Шефот на Обединетите нации Бан Ки Мун испрати апел до сиријскиот претседател да превземе дополнителни мерки со цел да се имплементира мировниот план на светската организација за кој се залага специјалниот пратеник во земјата Кофи Анан. Според Бан, инциденти како оној во Хула може да ја втурнат Сирија во, како што рече, катастрофална граѓанска војна. Во меѓувреме, американскиот државен секретар Хилари Клинтон рече дека противењето на официјална Москва на строгите санкции за шефот на сиријската држава може да предизвика граѓанска војна во Сирија.