Советот за човекови права при ООН ќе дискутира за Сирија

Советот за човекови права при Обединетите нации најави одржување на вонредна сесија на која ќе се разговара за минатонеделниот масакар во сиријскиот град Хула. Повеќе од 100 лица, повеќето од кои жени и деца, беа убиени во инцидентот, за кој се обвинети сиријските безбедносни сили. Портпаролот на Советот Роландо Гомез рече дека средбата е свикана по барање на 21 од 47 земји членки на телото. Советот со седиште во Женева лани одржа три состаноци за ситуацијата во Сирија, во екот на револуциите од арапската пролет.