Министерот за европски прашања на Данска во посета на Македонија

Министерот за европски прашања на Кралството Данска, Николаи Вамен денеска ќе престојува во посета на Македонија. Данска е актуелниот претседавач со Европската унија, нејзиниот мандат завршува на крајот на јуни. Вамен првпат доаѓа во Скопје откако во јануари Копенхаген го презеде шестмесечното претседавање со Унијата.
Предвидено е Вамен да се сретне со вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи. Гостинот од Данска ќе има и состанок со претседавачите на Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-РМ и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Кралството Данска. Вамен досега неколкупати се сретна со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.