Власта и опозицијата се расправаат за адвокатски трошоци

Министерството за транспорт и врски за спорот со ТАРБС за адвокатски услуги ќе плати двојно повеќе отколку висината на побарувањето за кое е поднесена тужба од оваа австралиска компанија пред Комерцијалниот Суд во Лондон за испорачани сателитски услуги, изјави денеска портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ. Според него, за спор вреден 1,8 милиони евра Министерството за транспорт ќе плати за адвокатски услуги 3,7 милиони евра. Опозициската партија, повикувајки се на документи, тврди дека адвокатската фирма „Херберт Смит“ само до 27 април годинава фактурирала услуги во висина од речиси два милиони евра, а до крајот на судскиот спор побарува уште најмалку 1,7 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека „наводниот доказ“ всушност претставува документ кој е преснимен од интернет-страницата на Бирото за јавни набавки, каде транспарентно е објавен од страна на Министерството за транспорт и врски уште во месец февруари 2012 и истиот е јавен, достапен за секого. „Договорот со ТАРБС е склучен кон крајот на 2002 година, во времето на Љубчо Георгиевски, а спроведуван во времето на Бранко Црвенковски“ се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и се додава дека тие денес се прилично добри политички соработници.