Изборни инциденти во Србија, нема трајни прекини на гласањето

Неколку лица денеска се уапсени во српскиот град Нови Сад за мешање во изборниот процес, откако на гласачите пред гласачките места им нуделе пари за да поддржат определена листа, соопштија српските медиуми. Претставници на избирачките комисии соопштија дека гласањето ќе продолжи нормално, бидејќи инцидентите се случиле надвор од избирачките места и изборниот процес не бил изложен на опасност. Полицијата се замешала и во друг инцидент во Нови Сад, откако член на комисија искршил една гласачка кутија, соопшти претседателот на Градската изборна комисија Предраг Загорчич. Тој посочи дека гласањето било обновено наскоро по инцидентот. Граѓаните на Србија денеска гласаат за нов претседател, парламент, локални органи на власта и парламент на Војводина.