Кинескиот активист Чен по телефон побара помош од Конгресот

Чен Гуангченг

Слепиот кинески активист Чен Гуангченг упати телефонски повик до американскиот Конгрес, во кој изрази желба да се сретне со државната секретарка Хилари Клинтон и од неа да побара да му гарантира „слобода на патување“, бидејќи сака да ја напушти Кина и со семејството да замине за САД.
Чен, кој деновиве беше во центарот на вниманието на светската јавност откако побегна од домашен притвор и се засолни во американската амбасада во Пекинг, повикот го оствари од болничката соба. Тој изјави дека сака да дојде во Америка за да се одмори, додавајќи оти најмногу е загрижен за безбедноста на неговата мајка и браќата.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Хилари Клинтон, која се наоѓа во официјална посета на Кина, на средбата со кинескиот претседател Ху Џинтао рече дека врските меѓу двете земји се најсилни досега.