Мерките за штедење - катастрофални последици за вработеноста

Архивска фотографија: Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Атина.

Меѓународната организација на трудот(МОТ), која е агенција на ОН, предупредува дека мерките за штедење што се почесто се користат за борба против глобалната должничка криза имаат „катастрофални последици“ за вработувањето и создавањето работни места. Во извештајот за 2012 година, МОТ наведува дека мерките за штедење не успеале да произведат економски раст и се контрапродуктивни во смисла на градење доверба и намалување на дефицитот.

МОТ наведува дека од почетокот на финансиската криза во 2008 година досега се изгубени околу 50 милиони работни места во светот. Се очекува, светската стапка на невработеност да се зголеми од 6,1 на 6,2 отсто, односно од 202 на 207 милиони невработени во светот до крајот на годинава.

Во извештајот се вели дека загрижува состојбата во Европа, затоа што во две третини од европските земји е забележано зголемување на невработеноста во последните две години.