Саркози негира дека го „наместил“ Строс-Кан

Поранешниот шеф на ММФ Доминик Строс-Кан поминува пред предизборен плакат на социјалистичкиот кандидат за претседател на Франција Франсоа Оланд.

Францускиот претседател Николас Саркози ги отфрли обвинувањата дека тој стои зад откривањето на секс-скандалот на поранешниот шеф на ММФ Доминик Строс-Кан, за да го осуети неговиот обид да се кандидара за претседател на Франција. За време на говор во претседателската кампања, Саркози рече дека Строс-Кан „треба да се оправда пред законот и да ја поштеди јавноста од неговите забелешки“.

Поранешниот шеф на ММФ Доминик Строс-Кан важеше за фаворит за нов претседател на Франција до мај минатата година, кога беше уапсен во Њујорк и обвинет за силување хотелска помошничка.

Строс-Кан, во изјава за лондонскиот весник Гардијан рече дека неговите политички противници обезбедиле помошничката да отиде во полиција и со тоа, како што изјави, приватната романтична врска да ја претвори во „јавен скандал“.

Апсењето на Штрос Кан доведе до негова оставка на функцијата шеф на ММФ и до крај на неговите надежи да стане претседател на Франција. Обвинувањата за скандалот потоа беа повлечени поради сомневање во кредибилитетот на собарката.