Иванов - Летонија се труди да помогне во евроинтеграциите

Претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Летонија Андрис Берзинс во Рига.

Летонија е пријателска земја која се труди да помогне во македонските европски и евроатлантски интеграции, бидејќи има чувство и разбирање за потребите на нашиот регион, оцени претседателот Ѓорге Иванов по неговата дводневна официјална посета на оваа балтичка држава.

„Летонија и Литванија се земји од кои можеме многу да научиме од аспект на нивното искуство во евро и евроатлантските интеграции, но и од тоа како се снаоѓаат во овој период во услови на глобална економска криза“, изјави Иванов на крајот од посетата на Летонија.

Поддршката за македонското членство во НАТО вчера експлицитно ја потврди летонскиот претседател Берзинс, потенцирајки дека меѓудругото, Летонија го става на располагање и сето искуство во доменот на евроинтегрцаиите.

Од Летонија, македонскиот претседател Иванов заминува во работна посета на Литванија, со што ќе ја заокружи неговата балтичка турнеја, чија главна цел е засилено лобирање во пресрет на претстојниот НАТО самит во Чикаго.