Бан Ки Мун: Сирија итно да ја повлече војската од градовите

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун побара од сириските власти итно да го исполнат ветувањето дека ќе ги повлечат војниците и тешкото вооружување од населбите и градовите. Тој изрази длабока загриженост од извештаите на посматрачите на ОН дека сириската војска и натаму е стационирана во населените места, како и оти продолжуваат насилствата и убивањата.
Изјавата на Бан доаѓа по информациите за експлозија во станбен комплекс во градот Хама. Официјален Дамаск соопшти дека 16 лица загинале во бомбашки терористички напад, а опозициски активисти тврдат дека зградата била гранатирана од владините сили и оти загинале најмалку 50 луѓе.
Во меѓувреме, Арапската лига повика на итно распоредување на посматрачи на ОН во Сирија.