Путин се повлекува од Обединета Русија

Новоизбраниот руски претседател Владимир Путин најави дека ќе отстапи од челното место на владеачката партија Обединета Русија. Тој смета дека шефот на руската држава треба да биде непартиска фигура. Лидерската позиција во партијата Путин ќе му ја предаде на Димитриј Медведев, кој во мај се подготвува да стапи на функцијата премиер, по инаугурацијата на Путин. Обединета Русија доминира во руската политика во поголем дел од претходните два претседателски мандати на Путин од 2000 до 2008 година. Новоизбраниот претседател беше на чело на партијата во изминативе четири години додека му беше премиер на Медведев.