Неефективен ребаланс или раст на капитални инвестиции?

СДСМ смета дека ребалансот на Буџетот нема да одговори на предизвиците на намалување на економската активност и оти најавените кратења се нереални. „На пример, Владата предвидува намалување на приходите од придонеси од 19 милиони евра, а во образложението планира раст на вработеноста од еден процент или 3.500 нови вработувања. Исто така, Владата ги крати капиталните расходи за 89 милиони евра со што овој буџет целосно ја губи развојната компонента и со тоа се доведува во прашање дали буџетот може да придонесе да се постигне планираниот раст на БДП од 2,5 проценти“ рече Маријанчо Николов, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет. На тврдењата на опозицијата реагираат од Министерството за финансии: „Капиталните инвестиции со ребалансот на буџетот за 2012 година изнесуваат 21,5 милијарди денари или за 20,1 отсто повеќе во однос на претходната година или за неверојатни 211 отсто повеќе во однос на 2005 година кога биле реализирани едвај 10 милијарди денари капитални инвестиции“ стои во реакцијата.