Тадиќ: Заедничките избори заштедуваат време и пари

Заедничкото одржување на претседателските и парламентарните избори во Србија заштедуваат време и пари, изјави во интервју за белградскиот весник „Политика“ кандидатот за шеф на српската држава и лидер на Демократската партија Борис Тадиќ, кој го скрати својот претседателски мандат за 10 месеци. „Ќе се заштедат 600 милиони динари со обединувањето на изборите, а наместо да се губи цела година за изборна кампања може по еден месец да се почне со работа за економско заздравување на земјата“, рече Тадиќ. Тој нагласи дека никој нема интерес да се одолговлекува решавањето на проблемите на граѓаните и да се пропушти шансата, која и дава на Србија кандидатски статус за членство во ЕУ. Тадиќ оцени дека колку помалку партии влезат во Парламентот, толку побрзо може да биде формирана новата влада, која веднаш ќе започне со работа.