Цените на мало во однос на март лани пораснале за 2,7 насто

Цените на мало во Македонија во март годинава во однос на претходниот месец бележат зголемување од 0,7 насто, а трошоците на живот пораст од 0,4 проценти. Во однос на март лани цените на мало бележат пораст од 2,7 насто, а трошоците на живот 1,4 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика порастот е резултат, меѓу другото, на повисоките индекси на јајцата за 11,2 и овошјето за 2,7 проценти. Во март, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај превозот на патници со воз за 50,9 насто, нафтените деривати за 5,1 и централното греење за 1,4 насто.