Попоски на министерски состанок во Брисел, најавена средба со Димас

Никола Попоски

Министерот за надворешни работи на РМ Никола Попоски од денеска до недела ќе престојува во работна посета на Брисел. На покана од високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон, Попоски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата и земјите-кандидати, на маргините на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Како што соопшти МНР, во рамките на посетата шефот на дипломатијата ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција Ставрос Димас, како и со министерот за надворешни работи на Кипар Ерато Козако-Маркулис, претседавач на Советот на Европската унија во периодот јуни-декември 2012 година. Предвидено е Попоски да оствари средба и со својот српски колега Вук Јеремиќ, како и со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Роберт Купер.