Косовската претседателка го осуди нападот врз македонската амбасада

Претседателката на Косово, Атифете Јахјага.

Претседателката на Косово, Атифете Јахјага го осуди инцидентот врз македонската амбасада во Приштина, оценувајќи го како неприфатлив чин за косовските институции и граѓаните.

„Овој акт, кој го осудуваат сите, е во спротивност со добрите меѓусоседски и меѓудржавни односи меѓу Република Косово и Република Македонија, односи кои постојано се унапредуваат и прошируваат“, се вели во изјавата на Јахјага.

Таа побара косовските институции што побрзо да ги откријат сторителите на овој чин и да се најдат пред очите на правдата.

Според медиумите, косовската полиција, која истргата ја почнала веднаш по инцидентот, интензивно работи на расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителите на синоќешниот напад со молотов коктел врз македонската амбасада во Приштина. Полицијата постави 24-часовно обезбедување на објектот.