Деблокадата на Косово го отвори патот на Србија кон ЕУ

Борис Тадиќ и Хашим Тачи

Согласноста на Србија да ја тргне блокадата на Косово, што ја имаше поставено за да спречи новата балканска држава да настапува самостојно на меѓународни и регионални конференции, му помогна на Белград да добие статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, пишува „Економист“.
Договорот меѓу Белград и Приштина, беше постигнат по едногодишни преговори, водени под спонзорство на ЕУ и тој дојде во последен момент, но сосема доволно за да овозможи отворање на патот на Србија кон Брисел, што на претходниот самит на Унијата, во декември, остана затворен, јави дописникот на МИА од Лондон.
Спогодбата предвидува покрај името на Косово да стои ѕвездичка, што треба да упатува на фуснотата која потсетува на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Со неа се означи крајот на војната во Косово во 1999 година и им се даде на ОН јурисдикција врз косовската територија, а Србија сака да потсети дека со таа Резолуција не се предвидува независно Косово.
Но ѕвездичката и фуснотата потсетуваат и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг, од јули 2010 година, со која се пресудува дека косовската декларација за независност, не е незаконска.