Анти-Путин протести во Русија, десетици уапсени

Руската полиција уапси десетици демонстранти во центарот на Москва, меѓу кои и тројца опозициски лидери, откако го растури протестот против изборот на премиерот Владимир Путин за претседател на Русија. По неколку часа минати во полициска станица, биле ослободени опозициските лидери Сергеј Удалцов, Иља Јашин и Алексеј Навални. Десетиците новинари што го следеле протестот биле грубо отстранети од местото.
Околу 20 илјади луѓе протестираа во центарот на Москва барајќи нови избори, откако Путин победи со освоени речиси 64 отсто од гласовите во првиот круг во неделата. Околу 50 демонстранти биле уапсени и на протестите во Санкт Петерсбург. Во исто време во Москва се одржуваат и про-Путин демонстрации.
Путин ја оцени неговата победа како фер и чиста, но западните набљудувачи посочуваат дека предизборната атмосфера била пристрасна во корист на Путин и речиси отсуствувал вистински политички натпревар. Се посочува и на бројни нерегуларности за време на гласањето.