Фишер - Спорот со името можат да го решат само Македонија и Грција

Прашањата од заеднички интерес, интегрирањето на Македонија во Европската унија, и начините како да се зголеми интересот на австриските бизнисмени за повеќе вложувања во земјава, беа во фокусот на денешните разговори на претседателите на Македонија и на Австрија, Ѓорѓе Иванов и Хајнц Фишер во Виена.

- Нема да кријам дека разговаравме и за една тема која долги години ја мачи Европа, односно прашањето околу името. Не може некој друг да го реши ова прашање освен Македонија и Грција, но постои голем интерес тоа да се реши на коректен начин со изнаоѓање фер решение, оттаму што тој спор претставува пречка за значајни одлуки во Европа, изјави Ханјц Фишер.
Австрискиот претседател го информирал претседателот Иванов и за неговите разговори што вчера ги имал со претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ, посветени на актуелната ситуација во Западен Балкан.
Австрискиот претседател рече дека со задоволство ја прифатил поканата на Иванов следната година да ја посети Република Македонија.
Работната посета на Австрија претседателот Иванов ја продолжува во Салцбург, каде утре на свечена церемонија ќе биде инаугуриран во заштитник на Европската академија на науките и уметностите (ЕАНУ).