Реакција на Македонскиот полициски синдикат за инцидентот во Гостивар

Македонскиот полициски синдикат денеска по повод двојното убиство во Гостивар потенцира дека настанот треба да не научи како граѓани оти има граници во секоја провокација, а како полициски службеници, посочуваат, дека се должни да направат правилна проценка.
- Сите заедно, мора да се оградиме од мрачните сили кои се хранат од ваквите трагедии и кои истите ги злоупотребуваат за своите политички цели. Верувајте, драги сограѓани дека ним воопшто не им е жал за погинатите, нив воопшто и не ги интересира што всушност се случило. Нив единствено ги интерсесира да ги злоупотребат оние кои навистина жалат, оние кои навистина сочуствуваат со сите три семејства, за своите потреби. Истите повторно ќе не убедуваат дека полицијата не се грижи за безбедноста на граѓаните, туку само ги тероризира. Истите повторно ќе не убедуваат дека полицајците не се луѓе и не ги ризикуваат своите животи, туку се монструми кои немаат чувства, стои во реакцијата од Македонскиот полициски синдикат.
Сведоци сме на трагедија, се подвлекува, кој зацрни три семејства во Гостивар и тоа не само семејствата на двете загинати момчиња, трагедијата го погоди и семејството на колегата кој пукал.
- Провокација, загрозеност, несоодветна проценка, шок , страв,... се е можно. Но, да оставиме тој формален дел да го утврдат компетентните, надлежните – судиите. А ние, да им помогнеме на семејствата, да опстојат во болката, повикуваат од полицискиот синдикат и изразуваат сочувство до членовите на трите гостиварски семејства.