Полицијата идентификува дел од учесниците во оштетувањето на објектите во Гостивар

Гостивар

По завршувањето на вчерашниот протест во Гостивар, група од околу 700 до 1.000 млади, претежно средношколци од овој град, од плоштадот, каде што се одржувал протестот, повторно се вратила пред Основниот суд Гостивар и со топки од снег искршила неколку стакла на објектот.
Од оваа група, соопшти денеска МВР, набрзо се издвоиле 200 до 300 лица и се упатиле по булеварите „Браќа Гиновски’’ и „Гоце Делчев’’. Движејќи се по двата булевари, тие оштетиле изложни стакла на вкупно 26 објекти, меѓу кои и едно прозорско стакло на приватна куќа, како и две возила, од кои едно сопственост на МВР. Меѓу оштетените објекти има јавни институции, бутици, трговски и угостителски дуќани и други, кои во тоа време се нашле на удар на групата, што подоцна се разотишла во неколку насоки.
СВР Тетово веќе идентификуваше извесен број од учесниците во оштетувањето на објектите, а се превземаат интензивни активности да бидат идентификувани и другите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.