Помош од Црвениот Крст за цивилите во Хомс

Меѓународниот Црвен Крст се очекува денеска да ги достави неопходните продукти за цивилите во околината на сирискиот град Хомс, кој со недели е цел на нападите на владините сили. Владата на Башар ал Асад даде зелено светло на Црвениот Крст, откако бунтовниците во населбата Баба Амр објавија „тактичко повлекување“ од областа, додавајќи оти недостигот на оружје и хуманитарни услови веќе бил неподнослив.
Синоќа Советот за безбедност на ОН, вклучувајќи ги Кина и Русија, изрази длабоко разочарување поради одбивањето на Сирија да и дозволи на претставничката за хуманитарни прашања на ОН Валери Амос да ја посети земјата и ги повика властите во Дамаск тоа да биде одобрено.
Инаку, сириските организации за човекови права проценуваат дека во судирите во таа земја досега загинале 8 илјади луѓе, меѓу кои најмногу цивили.