Висок севернокорејски функционер ќе престојува во САД

Викторија Нуланд

Американски официјални лица соопштија дека висок претставник на Северна Кореја во идната недела ќе направи ретка посета на САД, за да учествува на безбедносна конференција. Заменик министерот за надворешни работи Ри Јонг Хо, кој е и претставник на Северна Кореја на шестпартитните преговори за разоружување, ќе учествува на конференција во универзитетот Сиракуза во Њујорк. Портпаролот на Стејт Департментот Викторија Нуланд изјави дека во разговорите ќе бидат вклучени научници, но не и официјални американски претставници.
САД и Северна Кореја деновиве објавија дека Пјонгјанг ќе ги замрзне своите нуклеарни и ракетни тестови, како и збогатувањето на ураниум и ќе дозволи враќање на инспекторите на ОН.
Вашингтон соопшти дека ќе обезбеди помош во храна за сиромашната земја.