Иванов се сретна со европратениците „Пријатели на Македонија“

Средба на претседателот на Ѓорге Иванов со членовите на неформалната група во ЕП „Пријатели на Македонија“

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска се сретна со европратениците и „Пријатели на Македонија“, Ричард Ховит, Едуард Кукан и Алојз Петерле. На средбата беа разгледани оценките и препораките изнесени во предлог Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Македонија за 2011 година.
Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, нагласил дека вклучувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Резолуцијата претставува повик до инволвираните страни да ја почитуваат пресудата, но е и позитивен поттик за интензивирање на дијалогот и решавање на спорот со името.
Европратениците се согласиле дека Македонија премногу долго чека на отворање на преговорите и дека е неопходно оваа состојба да се надмине.