Папандреу даде писмени гаранции за планот за штедење

Лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу синоќа даде писмени гаранции пред меѓународните кредитори на Грција за исполнување на планот за штедење, со цел земјата да добие од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд нов пакет помош, за да се избегне банкрот. Лидерот на Нова демократија, Андонис Самарас се уште не испратил писмо со кое би се согласил со исполнување на планот за штедење.
Претседателот на Еврогрупата Жан-Клод Јункер претходно изјави дека Грција се уште целосно не ги исполнила условите за вториот пакет помош од ЕУ и од ММФ. Поради тоа денешната средба на министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната беше откажана. Разговорите ќе се одржат преку телефон. Следната редовна средба треба да се одржи в понеделник.