Радикален муслимански свештеник пуштен во домашен притвор во Британија

Свештеникот Абу Катада.

Еден радикален муслимански свештеник од Велика Британија, обвинет за поврзаност со Ал Каеда, е пуштен на слобода со кауција, јавуваат тамошните медиуми. Според медиумите, свештеникот Абу Катада е пуштен на слобода под цврсти услови. Тој е во домашен притвор, но ќе биде надгледуван цело време. Тој мора да биде во домот најмалку 22 часа дневно и не му е дозволено да користи интернет или мобилен телефон, ниту, пак, ќе може да проповеда во џамија.

Свештеникот повеќе од 6 години беше во затвор, но судот минатата недела донесе одлука тој да биде ослободен со кауција. Свештеникот е обвинет дека е една од водечките фигури на Ал Каеда во Европа и дека одржувал врски со Осама Бин Ладен.

Британија се обиде да го депортира во Јордан, каде тој се соочува со обвиненија за тероризам. Европскиот суд за човекови права, сепак, го оневозможи тоа, стравувајќи дека тој може да биде мачен ако биде испорачан во Јордан.