САД скептични дека насилствата во Сирија ќе престанат

Башар Асад и Сергеј Лавров, февруари, 2012

САД се скептични дека сирискиот претседател Башар Асад ќе го одржи својот збор и ќе запре со насилството во земјата. Асад му го ветил тоа на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на средбата во Дамаск.
Портпаролката на Стејт департментот, Викторија Нуланд изјави дека Асад имал 11 месеци за да стави крај на насилството, но и покрај тоа насилствата во земјата не престануваат.
Асад му пренел на Лавров дека ќе го поддржи планот на Арапската лига кој предвидува дијалог со опозицијата, ослободување на затвореници, и повлекувањето на војската од градовите кои беа центар на протестите.
Но, сирискиот претседател нема да го разгледа делот од планот кој предвидува тој да си замине од власт и моќта да ја препушти на друг, за да настапи период на транзиција.
Лавров отпатува за Сирија само неколку дена откако Русија и Кина ставија вето на резолуцијата за Сирија од страна на Советот за безбедност на ОН.