Обама ги осуди нападите во Хомс

Сирија, Хомс, 3 февруари 2012

Американскиот претседател Барак Обама денеска ја обвини владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад за убиство на цивили во градот Хомс.

„Асад мора да запре со убиства и злосторства против сопствениот народ. Тој мора да се тргне настрана и да дозволи демократска транзиција“, изјави Обама.

Соопштението на Обама следува по вчерашните напади во Хомс, во кои според активистите за човекови права, загинале 217 луѓе, а стотици биле повредени.

Сириската државна новинска агенција САНА, денеска објави дека за смртта на цивилите се виновни „вооружени терористички групи“ и обвини дека сателитските телевизиски канали ги искривуваат и фалсификуваат информациите.

Нападите во Хомс ги осудија и многу други светски лидери.
Францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе нападите ги нарече „чекор кон дивјаштво“ и „криминал против човештвото“, од страна на режимот во Дамаск.
Туниските власти соопштија дека повеќе не го признаваат режимот на Асад и ќе го протераат сирискиот амбасадор од Тунис.
Советот за безбедност на ОН денеска во Њујорк ќе ја разгледува нацрт резолуцијата со која се бара крај на насилството во Сирија.