Министерот Никола Попоски во посета на САД

Министерот за надворешни работи на РМ Никола Попоски од денеска до петок ќе престојува во Вашингтон, каде што ќе има средба со американскиот заменик државен секретар Вилијам Барнс. На средбата ќе бидат разменети мислења за евроатлантските интеграциски процеси на нашата држава во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго, а ќе се разговара и за прашања кои ги засегаат двете страни, како и за теми од регионално и глобално значење, информира Министерството за надворешни работи.
Планирано е министерот Попоски да има средби и во Конгресот на Соединетите Американски Држави, кои ќе бидат посветени на продолжување на евроатлантската интеграција на Македонија.
Во рамките на престојот во Вашингтон, шефот на македонската дипломатија утре ќе учествува на традиционалниот Национален молитвен појадок, а ќе има обраќање и во Атлантскиот совет во Вашингтон, на тема „Македонија на патот кон НАТО: Чукајќи на отворена врата“.