Иванов - Грција не сака да се ангажира за надминување на спорот за името

Претседателот Ѓорге Иванов.

Грција нема волја сериозно да се ангажира за надминување на спорот за името, му рекол претседателот Ѓорге Иванов на заменик-помошникот државен секретар на САД Филип Рикер на денешната средба во Скопје.

Како што соопшти кабинетот на шефот на државата, Иванов рекол дека објективните политички и економски проблеми со кои се соочува Република Грција не треба да се оправдување за грчкиот политички врв да одбегнува иницијативи за изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Toj изразил незадоволство од одлуката на грчките власти да ја прекинат практиката на директни средби на високо ниво меѓу двете држави.

Иванов го информирал Рикер за исходот од средбите што специјалниот пратеник Метју Нимиц ги свика во Њујорк.

Како што соопшти кабинетот на шефот на државата, Претседателот Иванов ја повторил подготвеноста на Македонија, активно и конструктивно да учествува во процесот кој се води во ОН и искажал очекување дека нашиот сосед ќе покаже одговорен однос, конструктивност и во целост ќе ја почитува Времената спогодба и пресудата од Хаг.

Рикер го повторил официјалниот став на Вашингтон, кој останува непроменет, а тоа е дека силно ја поддржуваат евроатлантската интеграција на Македонија, дека таа ги исполнува условите за членство и оти двете страни се охрабруваат да дојдат до заемно прифатливо решение со што ќе се деблокира интеграцијата во Алијансата.

Рикер, кој престојува во дводневна посета на Македонија претходно се сретна со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. Тој треба да се се сретне и со премиерот Никола Груевски, со вицепремиерката Теута Арифи, министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Фатмир Бесими, како и со лидери на политички партии.