Рик Пери ја разгневи Турција

Рик Пери

Претендентот за претседателски кандидат на САД од Републиканската партија, Рик Пери го предизвика гневот на Анкара со изјавата дека во Турција на власт се исламски терористи и го доведе под прашање нејзиното членство во НАТО. Турското Министерство за надворешни работи остро реагира на изјавата на Пери, оценувајќи ја како „неоснована и неумесна“. Во изјавата на турското МНР се наведува дека Турција е во првите редови во борбата против тероризмот.
Пери, кој е гувернер на Тексас, наведе дека некои тврдат оти во Турција се на власт луѓе „кои биле сметани за исламски терористи“. Тој се запраша и дали Турција го заслужува членството во НАТО, како и дека не треба да добива американска помош и оти САД немаат време за губење со земји кои не знаат кој им е сојузник. Турција се оддалечува од земјата во која живеев во 70-тите години како пилот на военото воздухопловство на САД, која беше наш сојузник и работеше со нас, изјави Пери.