Хрватска и Словенија ги договорија арбитрите за граничниот спор

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и шефот на дипломатијата Весна Пусиќ денеска потврдија дека Загреб и Љубљана се договориле за имињата на арбитражните судии кои ги предложи Европската комисија, кои заедно со еден хрватски и словенечки судија ќе одлучуваат за границата на двете држави.

Претседател на Комисијата е Жилбер Гијом, француски правник за меѓународни прашања, кој претходно претседаваше со Меѓународниот суд на правдата, додека германскиот правник и поранешен судија на Меѓународниот суд на правдата Бруно Сима и професорот по меѓународно право на британскиот Универзитет Оксфорд, Вон Лоу ќе бидат членови на комисијата.

Сима и Лоуи беа избрани од листата кандидати добиена од претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо и комесарот за проширување Штефан Филе.

Хрватска го предложи Будислав Вукас, а Словенија Јернеј Секолец.