Македонските ракометари против Шведска на стартот на ЕП во Србија

Македонската машка ракометна репрезентација вечер со почеток од 19 часот и 30 минути против селекцијата на Шведска ги стартува настапите на Европското првенство во Србија.

Првата фаза од ЕП во групата Б, македонските ракометари ќе ја одиграат во Ниш. Во оваа фаза ќе се сретнат и со репрезентацијата на Германија во вторник во 18 часот и 15 минути, а во 20 часот и 15 минути во четврток со чешката екипа.

Понатамошен пласман обезбедуваат првите три екипи од групата, а доколку Македонија се пласира во вториот круг ќе вкрсти со селекциите од групата А, каде се Србија, Полска, Данска и Словачка.

Европското првенство за мажи-2012 година е десетти европски шампионат во ракомет. Првенството во Србија ќе се одржи од денеска до 29 јануари во Белград, Вршац, Ниш и Нови Сад. На ЕП 2012 година во Србија учествуваат 16 европски селекции.

На трибините во салата „Чаир“ во Ниш се очекува повеќе од 4.000 македонски навивачи да ја бодрат селекцијата на Македонија.