Ахмети разговараше за евро-атлантските интеграции со Волерс

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со амбасадорот на САД, Пол Волерс. Од ДУИ соопштија дека централна тема на која се разговарало на средбата било зачленувањето на Македонија во НАТО и решението на единствената пречка на земјава за да стане дел од евроатлантското семејство - прашањето за името.

Лидерот на ДУИ на средбата со амбасадорот Волерс, стои во соопштението, ги повика САД да и помогнат на Македонија да го помине прагот од вратата на НАТО и да стане членка на Алијансата на претстојниот самит што треба да се одржи во Чикаго, макар и под привремената референца ПЈРМ.

Амбасадорот Волерс потенцирал дека се САД ги делат истите ставови, но додал дека на пријателите од меѓународната заедница треба да им се помогне за да можат тие да ни помогнат нам и оти меѓународната заедница сака да ја види Македонија во НАТО, исто толку колку и што самата земја сака да стане членка на Алијансата.

„Ахмети нагласи дека стратешки интерес на Македонија е да се построи рамо до рамо со земјите од западот и за ова, Албанците имаат голем интерес заедно со своите сограѓани. Секое одлагање предизвикува несигурност и незадоволство во земјава што остава можност за искористување од групи внатре и надвор од земјава што немаат интерес да ја видат Македонија и регионот како составен дел од НАТО“, се вели во соопштението од ДУИ.