Уапсени четворица функционери од Министерството за здравство на Косово

Обвинителката од ЕУЛЕКС Мариа Памуа.

Претставници од мисијата на ЕУЛЕКС заедно со косовски полицајци денеска извршија претрес во Министерството за здравство во Приштина во рамки на истрагата за корупција, при што уапсија четворица високи функционери на оваа институција.

Портпаролот на ЕУЛЕКС Николас Хоутон истакна дека апсењата се извршени за злоупотреби со државните фондови, а меѓу притворените се наоѓа и постојаниот секретар на Министерството за здравство Илир Толаи.

Хоутон изјави дека четворицата се обвинети во многу случаи на корупција, „вклучувајќи и злоупотреба на службената положба при манипулирање на тендери и склучување на нерентабилни договори“.

Денешната акција е извршена по барање на јавниот обвинител. Полицијата ги запечати просториите на Министерството.