Охриѓани ќе варат два тони рибина чорба

Архивска фотографија: Водици во Охрид.

Охрид најавува приготвување на два тони рибина чорба. Рибниот специјалитет за Денот на рибарите што традиционално се одржува на „Свети Јован Крстител“ на 20 јануари ќе ја подготвуваат наградените ученици по гастрономија од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид.

Чорбата ќе се вари во казан од три тони, што денеска беше поставен на просторот кај некогашната библиотека во непосредна близина на Градското пристаниште. За приготвувањето на рибината чорба ќе бидат употребени околу 300 килограми калифорниска пастрмка.

Денот на рибарите што секоја година се одржуваше во рамки на манифестацијата Богојавление – Водици, годинава за првпат наместо на Сараиште ќе се одржува кај Градското пристаниште во Охрид, поради се поголемата масовност на оние кои влегуваат во водата, како и се поголемиот број посетители заинтересирани за таа древна традиција.