Керим - претседател на бордот на директори, Виктор Доневски - извршен директор на МПМ

Досегашниот управител Срѓан Керим ќе биде претседател на новоформираниот борд директори на Медиа Принт Македонија, компанијата што управува со трите дневни весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, а која минатата недела германскиот медиумски концерн ВАЦ и ја продаде на Орка Холдинг.

Како што соопшти денеска МПМ, Виктор Доневски ќе биде именуван за извршен директор на МПМ. Доневски доаѓа во МПМ од ОНЕ-Телеком Словенија Групацијата, каде во изминативе три години ја извршуваше функцијата директор за корпоративни и внатрешни комуникации. Од 2001 до 2009 година Доневски беше новинар, водител на вести и уредник во Сител и Канал 5 Телевизија.

Горан Михајловски повторно e именуван за главен и одговорен уредник на „Вест“ во наредните четири години, a главните уредници на „Утрински весник“, „Дневник“ и „Теа – модерна“ ќе продолжат да ја извршуваат истата функција. На своите досегашни позиции останува и менаџерскиот тим на печатницата „Графички центар“.