Асад: странски сили ја дестабилизираат Сирија

Сиријскиот претседател Башар ал Асад

Сиријскиот претседател Башар ал Асад денеска ги обвини странските сили дека се обидуваат да ја дестабилизираат неговата земја. Во говорот во Дамаск, прв откако Асад во минатиот месец се согласи со планот на Арапската лига за запирање на владините насилства врз антирежимските демонстранти, тој изјави дека овој странски заговор не успеал. Асад исто така изјави дека бил изненаден од тоа што арапите не застанале зад Сирија. Обединетите нации проценуваат дека повеќе од 5 илјади лица биле убиени во Сирија од почетокот на нередите во март минатата година.